Дали електричниот скутер е доволен за целата твоја рутина?
Секојдневието во градот ретко се менува. Утрото започнува со кафе набрзина, неколку пораки на мобилен, клучевите в џеб и излегување низ врата. Рутата е позната и сигурна: од дома до работа, на враќање кратко свртување до маркет, навечер ќе скокнеш до теретана или кај пријател, па назад дома. И кога ќе ги собереш сите тие кратки релации, ќе забележиш нешто интересно. Градската рутина обично не бара повеќе од петнаесетина километри на ден. Понекогаш дури и помалку.
Тогаш, електричниот скутер со 70 километри автономија не изгледа како скромно превозно средство, туку како целосна замена за второто возило во семејството. Наместо секојдневно да се прашуваш дали ќе стигнеш до дома без да останеш без батерија, едно полнење ти овозможува безгрижно возење во текот на неколку дена. За некој што живее на четири до пет километри од работа и има уште две до три попатни станици, тоа практично е цела работна недела без потреба од ново полнење.
Седумдесетте километри не се само гола бројка во спецификација. Тие претставуваат секојдневна практичност. А трошокот? Невидлив. Буквално. За целосно полнење на стандардна 72V-20Ah батерија за електричен скутер, потребни се околу 1.44 kWh електрична енергија. Во македонски услови, тоа се околу десетина денари. Цели 70 километри за цена помала од „три во едно“ кафе или еден километар поминат на електричен скутер ќе ве чини помалку од 0,2 денари!
Секако, за да извлечеш максимум, има неколку паметни навики што вреди да ги применуваш. Не мора да „нагазиш“ секогаш кога ќе тргнеш – рамномерното забрзување ја штити батеријата. Ако притисокот во гумите го проверуваш барем еднаш неделно, ќе добиеш уште неколку „бесплатни“ километри. Доколку имаш избор, избегнувај нагорнини и улици со премногу старт-стоп движења.
Слободата што ја добиваш не е само економска. Таа е и просторна и временска. Во утринскиот шпиц, додека другите стојат во колона, скутерот лесно се протнува, и додека автомобилите стојат заглавени, ти веќе си стигнат. Не бара ниту голем простор за паркирање и те ослободува од познатите пет минути барање место каде да се паркираш, што мистериозно се претвораат во петнаесет до дваесет минути. Исто важи и за попладневниот метеж.
Со текот на времето, ќе забележиш дека се менува и начинот на кој го доживуваш градот. Без бучава, без издувни гасови, без притисок и без нервозата на педалите за гас и кочница, што се повторуваат во ритамот на бескрајната колона. Електричниот скутер претставува модерен начин на движење кој истовремено е и одржлив, и економичен, и пријатен. Со секој километар поминат на струја, не само што заштедуваш пари и време, туку правиш нешто добро и за градот – помалку загадување, помалку метеж, повеќе тишина.

Можеби изгледа како мала промена, но кога стотици луѓе ќе го направат истиот избор, резултатот е очигледен. И се чувствува. Градот „дише“ малку полесно, улиците се попрегледни, а обврските полесни.
На крајот од денот, прашањето не е дали 70 километри се доволни. Прашањето е – зошто би ти требале повеќе?